Пазар на електрични возила
Колкав е уделот на електричните возила во вашиот вкупен асортиман и каков е трендот на продажба?
Веќе сите наши брендови во понудата имаат електрични возила. Околу 20% од нашиот вкупен асортиман се електрични модели, но нивниот удел во продажбата на нашиот пазар за сега не е соодветно голем. Трендот на продажба на електрични возила сеуште е неповолен, но пред се’ е непредвидлив. Максимумот до сега го постигнавме во 2023 година со удел на електрични возила од над 10% во нашата вкупна продажба. Но, веќе следната година уделот падна под 2%.
Нашиот пазар по многу нешта е уникатен во регионот, дури можеме да кажеме и во Европа. Од една страна регулативата е поволна кон електричните возила – ослободени се од обврска за плаќање данок на моторни возила при увоз што претставува ценовна предност во висина и до 20% од вредноста на електричното возило. Но, од друга страна, обврската за плаќање царина и/или ДДВ при увоз е на сила за сите електрични возила. Државни субвенции при увоз на електрични возила кај нас нема. Нема ниту олеснувања во форма на привилегирано паркирање или ослободување од патарина.
Субвенциите и другите поволности за електрични возила се практикуваат во речиси сите европски земји. Во нашето непосредно соседство, Албанија со исклучително либерален систем за увоз на електрични возила и нивно целосно ослободување од оданочување постигнува околу 15% удел на електричните возила во годишната продажба. Кај нас електрификацијата на транспортот сеуште не е поставена во државна стратешка рамка.
Кои се Вашите клиенти, дали компаниите или физичките лица се одлучуваат повеќе за инвестиција во електрично возило и кои сметате дека се причините за тоа?
Компаниите се повеќе застапени во структурата на клиенти и особено во структурата на клиенти кои повторно купуваат електрични возила од нас. ЕВН Македонија е таков позитивен пример и во моментот наш најредовен и најпосветен клиент за купување електрични возила со најмодерна флота на електрични возила.
Причините се повеќестрани. Компаниите имаат повеќе достапни средства, поголема и почеста потреба за купување нови возила, попрецизна анализа на трошоците при изборот на најдобра опција за мобилност, постоење на корпоративни политики и правила за удел на електрични возила во флотата...
Какви се вашите прогнози за побарувачка на електрични возила во наредните 3–5 години?
На овие прогнози влијаат повеќе фактори, но извесно е дека во следните 3-5 години побарувачката на електрични возила ќе расте. Во моментот е тешко да се квантифицира растот на побарувачката. Очекуваме таа да ги следи европските трендови, со време на доцнење од 3-5 години. Во првата половина на 2025 година во Европа има зголемена побарувачка на електрични возила и нивниот удел во продажбата изнесува околу 17%, со раст од околу 4% во однос на првата половина на 2024.
Нашиот пазар брзо ги пресликува негативните трендови од Европа (наглиот пад на побарувачката за електрични возила по неочекуваното привремено укинување на субвенциите во Германија на крајот од 2023), а бавно ги прифаќа позитивните трендови (релативно брзото закрепнување на побарувачката за електрични возила во Европа и пред се’ Германија, по повторното воведување на субвенциите во 2024).
Неелектричните возила прогресивно поскапуваат. Во 2027 следи уште еден скок на цените заради воведувањето на нормата на издувни гасови Еуро 7. Комбинирано со данокот на моторни возила, од којшто не се ослободени, неелектричните возила ќе стануваат се’ поскапи, а разликата во цена со електричните возила ќе се намалува, а во некои случаи и ќе се изгуби, правејќи ги електричните возила поатрактивен, пооправдан и пологичен избор.
Имајќи ја предвид куповната моќ, инертноста и придржувањето до старите навики на нашиот просечен купувач, ние ќе бидеме задоволни, ако кај нас се достигнат 15% удел на електричните возила во продажбата на нови возила за 5 години.
Кои се најголемите предизвици што ги гледате во продажбата и дистрибуцијата на електрични возила во Македонија?
Главниот предизвик е во продажбата, тоа се навиките и неподготвеноста да се разгледаат новите можности. Ние никако не можеме да прифатиме дека полнењето и одржувањето на електричен автомобил е едноставно, во принцип лесно достапно и на долги патеки многу поевтино од полнењето и одржувањето на неелектричен автомобил. Годишно во просек кај нас се изминуваат меѓу 10000 и 15000 км. Со овие бројки на употреба, а со досег на електричните возила меѓу 300 и 400 км во пракса, полнењето станува тема само на подолгите релации, и тоа еднаш до два пати на подолго патување. За дневната употреба праксата покажува потреба од полнење 1 до 2 пати неделно за делумно дополнување на батеријата, а не целосно полнење. Сите возачи што имаат свое место за паркирање можат да постават приклучок за полнење и преку ноќ да го полнат возилото, со речиси никаков ангажман. На подолги релации од помош се полначите од се’ поразвиената мрежа на полнење на ЕВН, така што и патувањата стануваат поедноставни, попријатни и пред се’ поевтини.
Како се менува интересот за хибридни возила во споредба со целосно електрични?
Веднаш да нагласам дека хибридните возила не се алтернатива за електричните возила.
Хибридните возила како технологија се во понуда околу 25 години, со позначително зголемена побарувачка во изминатите 3-4 години. Искуството при возењето на хибриден автомобил е многу послично, практично идентично со искуството при возење бензински или дизел автомобил. Само во куси временски интервали при тргнувањето хибридните автомобили до некаде ја постигнуваат рафинираноста и динамичноста на електричните автомобили. Штом се активира моторот на внатрешно согорување, се враќате во минатото. Потрошувачката на гориво на хибридите е со лесна предност во услови на градско возење, но при возење на автопат трошат повеќе од обичните бензински или дизел возила.
Сопствениците на електрични возила ги препознаваат разликите и предностите на целосно електричните возила и не се подготвени да ги жртвуваат предностите, само заради можноста да наполнат гориво на бензинска пумпа. Особено клиентите што истовремено имаат и хибриден и електричен автомобил јасно ги знаат и ценат предностите на електричниот погон – максимална рафинираност, отсуство на бучава и вибрации, моментално и драматично забрзување, совршено искористен патнички и багажен простор, ниски трошоци и нулта емисија на CO2 при употреба.
Сумирано, хибридните возила се само полесно прифатлив премин кон електрифициран погон во услови на сеуште недоволно развиена мрежа на полнење и во отсуство на навики и подготвеност за прифаќање на нови технологии.
Како ја оценувате инфраструктурата за електрични возила во Македонија и како таа влијае врз продажбата?
Ова е клучното прашање за поголемо прифаќање на електромобилноста.
Во нашите национални рамки, инфраструктурата за полнење во моментот е на граница да ги задоволи потребите на постоечките корисници. За привлекување нови корисници на електрични возила инфраструктурата за полнење кај нас, за жал, сеуште не е доволно развиена. Но, одличен тренд е зголемувањето на локациите со брзи DC полначи на ЕВН Македонија на стратешки локации и на патните правци во 2024 и 2025 година. Доколку овој тренд продолжи и доколку бројот на локации со брзи DC полначи се удвои во текот на 2025 и 2026, веќе ќе можеме инфраструктурата за полнење да ја оцениме како добра или повеќе.

Карактеристики на електричните возила
Колку купувачите се информирани за потрошувачката на енергија на електричните возила и како тoа може да влијае позитивно врз нивните трошоци?
Ние се грижиме да ги преставиме предностите и помалите трошоци кај електричните возила во секоја прилика – на отворени денови со тест возења, на организирани настани со тема Електромобилност или во дневната комуникација со клиентите.
Нашето сопствено повеќегодишно искуство кое постојано го споделуваме со клиентите, покажува дека употребата на електричните возила е и можна и евтина, а многу често и поедноставна отколку употребата на неелектричните возила. Нашата работа продолжува.
Не можеме да го запреме напредокот. Иднината на мобилноста е електрична, а отпорот кон неа е залуден.
Каква е достапноста на резервни делови и сервис за електрични возила?
Во случајот на Групацијата Volkswagen и на Порше Македонија со својата дилерска мрежа, слободно можеме да кажеме дека достапноста на резервни делови и сервис за електрични возила е идентична како и за неелектричните и дека е апсолутно најдобра на пазарот. Дополнителна предност за корисниците на електрични возила е и помалата потреба од одржување на електричните возила, како и статистички помалата веројатност за настанување на дефекти – особено во делот на погонскиот систем – заради многу помалиот број составни компоненти.
Задоволство и перцепција за ЕВН Снабдување
Како го оценувате вашето досегашно искуство во соработката со ЕВН Снабдување?
Генерално, нашето искуство со ЕВН е позитивно и ја цениме нивната поддршка и професионалност. Соработката при планирањето на нашата инфраструктура беше успешна и се состоеше во барање за приклучување на нашата трафостаница на нивната среднонапонска мрежа, што беше реализирано навремено и професионално. Ние на секој наш клиент редовно ја презентираме веб-страница за електромобилност(
https://emobility.evn.mk/) каде се прикажани сите полначи низ Македонија. Дополнително, сите корисници на електрични возила од Порше Македонија поседуваат EVN картичка за полнење, што овозможува практична и ефикасна услуга.
Дали сте задоволни од стабилноста и квалитетот на испорака на електрична енергија?
Генерално, испораката е сигурна и континуирана, без значајни или чести прекини. Кога се вршат технички интервенции или планирани исклучувања, информациите се навремено соопштени, што овозможува навремена подготовка. Квалитетот на напонот е стабилен и соодветен, што овозможува непречено и безбедно функционирање на сите електрични уреди.