Влијаниетo на војната со Иран врз цените на електричната енергија

 
Group-283.png

Од почетокот на војната со Иран, глобалните енергетски пазари повторно се соочуваат со неизвесност. Во рок од само неколку дена, цените на енергенсите пораснаа за 20-30%. Оттогаш, тие се во постојани осцилации, зависно од случувањата на терен и изјавите на клучните актери.

Но, во споредба со енергетската криза од 2022 година, Европа денес е во поотпорна позиција. Тогаш, силната зависност од рускиот гас доведе до нагли и значителни ценовни шокови. Денес, регионот е помалку зависен од увоз на енергија од Блискиот Исток, што значи вкупното влијание врз цените на електричната енергија се очекува да биде поумерено. Сепак, времетраењето на конфликтот останува клучен фактор. Колку подолго трае војната, толку поголем притисок може да се очекува врз енергетските пазари.

Во Македонија, влијанието e различно кај домаќинствата и бизнисите. Цените на електричната енергија за домаќинствата се регулирани и се обезбедуваат преку „универзалниот снабдувач“ и долгорочни договори за набавка. Ова обезбедува стабилност и ги штити потрошувачите од краткорочни флуктуации на глобалните пазари. Сè додека овие договори се на сила, не се очекуваат значајни промени за домаќинствата. Потенцијални промени би можеле да се појават во следниот регулаторен период по 2028 година, во зависност од глобалните ценовни трендови и одлуките на регулаторната комисија. Доколку конфликтот заврши во скоро време, не се очекуваат значајни ефекти врз домаќинствата.

Кај бизнисите пак, ситуацијата е подинамична. Поголемиот дел од компаниите работат со договори поврзани со часовни цени на спот-пазарот. Во текот на денот, особено помеѓу 10:00 и 17:00 часот, цените на електричната енергија обично се пониски поради високото производство од сончеви електрани (фотоволтаици) во регионот. Овој тренд се очекува да продолжи без оглед на актуелната геополитичка состојба. Сепак, цените во вечерните и раните утрински часови се почувствителни на цените на фосилните горива, бидејќи тие главно се формираат од термоелектраните. Доколку цените на гасот, нафтата и јагленот растат, се очекува раст и на цената на електричната енергија во овие периоди.

Group-284.png

Генерално, иако просечните цени за бизнисите може да се зголемат, влијанието веројатно нема да биде толку изразено како минатата година. Сè поголемото учество на поевтина сончева енергија во текот на денот делува како балансирачки фактор и го ублажува вкупниот ефект.

Сумирано, конфликтот ќе има влијание врз цените на електричната енергија, но се очекува тоа да биде помало отколку за време на кризата што започна во 2022 година. Обемот на ова влијание во голема мера ќе зависи од времетраењето на војната, додека структурните промени на енергетскиот пазар помагаат да се ублажат ризиците.

За најнови информации или подетални насоки, ве молиме контактирајте го вашиот менаџер за клучни корисници.

Group-285.png

ЕВН Македонија Електроснабдување ДООЕЛ Скопје
Ул.Лазар Личеноски бр.11, Скопје
П. ФАХ 694, Скопје 1000, Македонија
Телефон: +389 (0)2 3205 500
[email protected]
Политика за приватност