Зоран Ѓорѓиевски
Управител
Национален оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје
*****
ЕВН Снабдување: Како се промени пазарот на електрична енергија откако започна со работа македонската берза?
Ѓорѓиевски: Македонската берза на електрична енергија, со која управува Националниот оператор на пазарот за електрична енергија – МЕМО, успешно работи речиси две години и значително придонесе кон модернизацијата и развојот на пазарот во нашата земја.
Официјалното тргување на домашната берза започна на 10 мај 2023 година со 22 компании, а денес веќе има 37 реномирани регистрирани учесници кои активно тргуваат. Воспоставувањето на македонската берза доведе до повисока транспарентност и подобро формирање на цените врз основа на понудата и побарувачката. Ова им овозможи на учесниците подобро планирање на нивните набавки и продажби, како и поефикасно управување со трошоците.
Преку редовното тргување на пазарот ден-однапред, Македонија доби референтна цена на електричната енергија, што на економијата и дава релевантен ценовен сигнал неопходен за сите анализи и планирања, а воедно ја зајакнува стабилноста и предвидливоста на пазарот на големо. Дополнително, берзата стимулираше зголемена конкуренција, што резултираше со подобри услови за снабдување, поголема ликвидност и посигурен пристап до електрична енергија за сите учесници.
ЕВН Снабдување: Колку е важна улогата на МЕМО во модернизацијата на енергетскиот сектор во Македонија?
Ѓорѓиевски: Националниот оператор на пазарот за електрична енергија – МЕМО има клучна улога во модернизацијата на енергетскиот сектор во нашата земја, особено преку развојот на пазарните механизми, зголемувањето на транспарентноста и интеграцијата со регионалните и европските пазари.
Оваа улога беше нотирана и во годишниот „Извештај за имплементација на законодавството на Енергетската заедница“, каде што беше нагласено значењето на воведувањето на пазарот ден-однапред и активностите преземани во процесот на интеграција со единствениот европски пазар на електрична енергија.
МЕМО активно работи на остварување на целта поставена од Владата и Министерството за енергетика и минерални суровини – креирање на конкурентен и интегриран електроенергетски пазар, кој ќе биде дел од поширокиот европски систем. Ова подразбира целосно поврзување со пазарите на електрична енергија во регионот и Европската Унија, што ќе овозможи поголема стабилност, пониски трошоци и подобра ефикасност во снабдувањето со електрична енергија.
Со континуираното подобрување на инфраструктурата за тргување, дигитализацијата и проширувањето на пазарните сегменти, МЕМО останува клучен двигател на енергетската транзиција и економскиот развој на нашето општество.
ЕВН Снабдување: Кои се главните предизвици со кои се соочивте во изминатата година и како ги надминавте? Кои се најголемите успеси?
Ѓорѓиевски: Во октомври минатата година одбележавме 18 години од основањето на Операторот на пазар на електрична енергија (ОПЕЕ) и 5 години од трансформацијата во Национален оператор на пазар на електрична енергија (МЕМО). Да напоменам дека покрај берзата на електрична енергија, во своето работење МЕМО, интегрира повеќе функции поврзани со управувањето на пазарот со билатерални договори како и интегрирање на обновливите извори на пазарот на електрична енергија.
Двата јубилеи кои ги одбележавме се значајни и ја рефлектираат нашата посветена работа низ годините. Благодарение на тимот на стручни кадри кои работат во МЕМО како и со поддршка на нашите партнери од EPEX - најголемата берза во Европската Унија и BSP – словенечката енергетска берза, Секретаријатот на Енергетската заедница, Министерството за енергетика рударство и минерални суровини како и сите чинители во енергетскиот сектор во нашата земја реализираме значајни процеси и успеваме предизвиците да ги претвориме во можности.
Еден од нашите поголеми успеси во изминатиот период е тоа што МЕМО започна процес на воспоставување и воведување на регистарот на Гаранции на потекло на електрична енергија од обновливи извори.
За таа цел, станавме член набљудувач на Асоцијацијата на издавачки тела (Association of Issuing Bodies – AIB), зајакнувајќи ја нашата посветеност на следењето и транспарентноста на обновливата енергија. Веруваме дека интересот ќе биде голем, бидејќи со Гаранциите се докажува дека енергијата потекнува од обновливи извори, што е особено важно за домашните компании кои извезуваат на европскиот пазар.
ЕВН Снабдување: Кои се придобивките за компаниите од тргување на пазарот ден однапред?
Ѓорѓиевски: Растот на бројот на компани кои тргуваат на македонската берза на електрична енергија е показател за растот на довербата за тргување на пазарот ден однапред. Тоа е потврда за воспоставената сигурност и релевантните цени за секој час од денот, како и компетитивноста со берзите од регионот.
За компаниите, учеството на пазарот ден-однапред претставува стратешка можност за подобро управување со енергетските трошоци, зголемување на конкурентноста и намалување на ризиците поврзани со нестабилноста на цените на електричната енергија.

ЕВН Снабдување: Како се определуваат цените на електричната енергија на македонската берза и кои фактори најмногу влијаат врз нив?
Ѓорѓиевски: Цените на електричната енергија на македонската берза се определуваат врз основа на принципите на понуда и побарувачка, преку механизам на аукции каде што производителите и снабдувачите поднесуваат понуди за продажба и купување на електрична енергија. Овој пазарен модел овозможува транспарентно и конкурентно формирање на цените во реално време и е идентичен со моделот кој се употребува во ЕУ.
Дополнително, платформата која се користи во МЕМО е истата платформа која ја користат најголемите берзи на електрична енергија во Европа. Уште во првиот ден на тргувањето на берзата на електрична енергија имавме тргување во секој час од денот со што се постигнаа задоволителни количини на истргувана електрична енергија по реални пазарни цени.
Оттогаш на берзата се тргуваат количини на електрична енергија во секој час, седум дена во неделата и константно расте понудата и побарувачката што е добар показател за растот на една млада берза на електрична енергија каква што е македонската.
ЕВН Снабдување: Кои се следните чекори за развој на берзата на електрична енергија во Македонија? Дали планирате воведување на нови продукти за тргување?
Ѓорѓиевски: Развојот на берзата на електрична енергија е континуиран процес, насочен кон поголема ликвидност, регионална интеграција и воведување нови трговски механизми.
Една од нашите главни цели, како што посочив е поврзување на македонскиот пазар на електрична енергија со единствениот европски пазар.
Во декември минатата година потпишавме Договор со Словенечката енергетска берза (БСП) за техничка поддршка која ќе овозможи забрзана реализација на пазарно поврзување (market coupling).
На тој начин ја интензивираме соработката во сегашните и идни проекти со фокус на пазарно поврзување на Југоисточна Европа во рамки на иницијативата (Southeast Europe Electricity Market Initiative - SEE MC). Пазарното поврзување носи придобивки за учесниците на организираниот пазар на електрична енергија, крајните корисници на електричната енергија и за националната економија. Ова ќе овозможи подобра конкурентност, поефикасно формирање на цените и пристап до поголем пазар на електрична енергија.
Работиме и на развој на
пазар во тековниот ден (Intraday Market) и како што споменав на гаранциите за потекло на електричната енергија од обновливи извори.
ЕВН Снабдување: Како ја гледате иднината на македонскиот пазар на електрична енергија во следните 5-10 години?
Ѓорѓиевски: Во следната декада, верувам дека ќе ги реализираме зацртаните проекти со цел македонскиот пазар на електрична енергија да стане подинамичен, целосно интегриран со регионот и ЕУ и пософистициран во поглед на тргувањето и управувањето со ризиците.
Главните предизвици зависат и од глобалните текови и енергетски превирања, кои ќе имаат значително влијание врз македонскиот пазар.
Еден од главните приоритети ќе биде балансирањето помеѓу либерализацијата на пазарот и заштитата на крајните потрошувачи од ценовните флуктуации.
Со развојот на управување на потрошувачката, на балансниот пазар, со целосната интеграција со регионалните и европските пазари и унапредувањето на регулативата, очекуваме стабилен, транспарентен и конкурентен електроенергетски пазар кој ќе придонесе кон одржлив економски раст и сигурно снабдување со електрична енергија.