Реформи со новиот Закон за енергетика кој стапи на сила во мај 2025г.
Се работи за модерен европски закон со кој во Македонија се имплментираше пакетот регулативи на ЕУ таканаречен „Чиста енергија“, кој промовира декарбонизација на енергетскиот сектор и зголемено учество на енергијата произведена од обновливи извори (ОИЕ). Со овој закон се поставени темелите за целосно усогласување со европските енергетски политики и кај нас.
Новиот закон предвидува структуиран процес на интеграција на ОИЕ и батериите, за да се извлече максимумот од расположливите капацитети, а инвеститорите да имаат поголема предвидливост за реализација на нивните проекти.
Но, со оглед дека производството од обновливи извори е непостојано, особено од соларни и ветерни централи, операторите на системи за пренос и дистрибуција, односно МЕПСО и Електродистрибуција, имаат поголеми одговорности за обезбедување на доволна флексибилност и одржување на стабилноста на системите. Во однос на флексибилноста, се појавуваат нови актери кои се помали и дисперзирани, какви што се активните потрошувачи, енергетските заедници, агрегаторите итн.
Друга важна одредба е што од 1 јануари 2026 година, МЕПСО и Електродистрибуција мора да овозможат промена на снабдувач во рок од 48 часа.
/BS_EVN-Zurnal-3.jpg.aspx?lang=mk-MK&title=)
Паметни броила
Законот предвидува развој на паметни технологии, како што е воведувањето на систем на паметни броила. Овие броила треба да им обезбедат на потрошувачите детална информација за нивната потрошувачка на енергија во текот на денот, во интервали од 15 минути, за да можат да го прилагодат своето потрошувачко однесување согласно потребите на системите. Ова е всушност технички предуслов за имплементација на останатите концепти од законот кои се однесуваат на флексибилноста на мрежите и услугите кои корисниците можат да ги нудат или разменуваат меѓу себе.
Се работи за сложен и скап процес кој започнува со изработка на физибилити студија за оценка на оправданоста на проектот од страна на Електродистрибуција. Таа студија потоа се проследува до Регулаторна комисија, која заедно со свое мислење и препораки ја доставува до Владата која носи одлука за имплементација на системот на паметни броила или не.
Во случај на негативен резултат на студијата, истата се повторува од страна на Електродистрибуција во рок од 4 години. Во случај да се донесе одлука за воведување на паметни броила, Електродистрибуција ќе може да отпочне со набавка на броилата и потребните технологии, по што следи постапка на замена на броилата на терен. Целиот процес по одлуката на Владата треба да се спроведе во рок од 10 години, при што во првите 7 години Електродистрибуција ќе треба да замени барем 70% од броилата.
И понатаму останува дозволено користењето на проценета потрошувачка за фактурирање од страна на снабдувачот која треба да се сведе на реална потрошувачка еднаш на три месеци. Доколку процената отстапува од реалната потрошувачка, треба да се изврши корекција на фактурите.
/BS_EVN-Zurnal-4-(2).jpg.aspx?& title=)
Активни потрошувачи и енергетски заедници
Откако ќе се здобијат со паменти броила, потрошувачите добиваат можност за поактивна улога во енергетскиот систем, во зависност од нивните технички можности и потреби од потрошувачка. Ова особено важи на пример, за потрошувачи кои имаат инсталирано фотоволтаици, или батерии, или пак поседуваат електрични возила чии батерии би можело да имаат улога на мини складишта на енергија. За да се вклучат како активни потрошувачи, корисниците ќе имаат финансиски стимул преку поефтина енергија, намалени надоместоци за мрежа и слично.
Потрошувачите ќе можат да се здружуваат и во т.н. енергетски заедници. Тоа се непрофитни организации кои ќе им овозможат на корисниците да разменуваат енергија помеѓу себе. На пример, енергија произведена од фотоволтаик на еден корисник може да се користи од страна на друг, а може и од истиот корисник на друга локација. Секој корисник со фотоволтаик во некои часови има поголемо производство од потрошувачка, па тој вишок би можел да го користи друг член на енергетската заедница. Или пак, ако корисникот инсталира фотоволтаик на викенд куќа, кога не престојува таму ќе може енергијата прозведена таму да ја користи дома.
/BS_EVN-Zurnal-5-(1).jpg.aspx? title=)
Складирање на енергија и модернизација на мрежата
Складирањето на електрична енергија има се позначајна улога за обезбедување на флексибилноста на мрежите. Складиштата треба да се јават во улога на потрошувач кога има премногу енергија во определени региони во определен временски период, или пак во улога на производител, кога е потребна дополнителна енергија за да се одржи рамнотежа на системот.
Складирањето може да се врши како одделна дејност, за што е потребна лиценца од Регулаторната комисија, или пак од страна на постоечки вршители на други енергетски дејности, во случај истите да имаат вградено и систем за складирање на енергија. Притоа, операторот на складиште може да купува и продава енергија на пазарот, може да дава само услуга за складирање на енергија на друг учесник на пазарот, како и може да понуди системски услуги на МЕПСО или Електродистрибуција.
Дополнително, законот налага сите нови соларни и ветерни централи да вградат и батериски систем од најмалку 20% од моќноста на централата.
/BS_EVN-Zurnal-2.jpg.aspx?)
Инвестиции во обновлива енергија
Сите кои планираат да градат соларни или ветерни централи, или батериски системи, со инсталирана моќност над 1 MW, мораат најпрво да поднесат иницијатива нивниот планиран проект да биде вклучен во Годишниот план за изградба што го носи Владата. Откако ќе бидат вклучени во планот, тие поднесуваат барање за овластување, за реализација на изградбата, кое пак овластување е предусловено од соодветни градежни дозволи и гаранции за реализација на проектот. На тој начин, се намалува можноста за неконтролирана изградба, како и закупување на мрежен капацитет од несериозни инвеститори.
Со законот се воведуваат и определени технички ограничувања во однос на можностите за приклучување на енергетските објекти. Така, во иднина, нема да може да се приклучуваат нови централи на дистрибутивна мрежа доколку во точките на поврзување на дистрибутивниот со преносниот систем во конкретниот регион, вкупниот капацитет на приклучени производители достигне 80% од моќноста на трансформаторите, како и ако енергијата која се дава во преносен систем надмине 10 MW.
За инвеститорите е поволно тоа што однапред ќе имаат можност да осознаат дали опредлелени проекти ќе бидат спроведени до крај или не, како би се отстранила несигурноста во однос на регулаторните барања. Добивањето на овластување ќе им гарантира дека нивните објекти ќе бидат приклучени на соодветниот енергетски систем, како и дека ќе ги добијат сите потребни лиценци за работа, доколку ги исполнат предвидените услови кои се транспарентно познати.
/BS_EVN-Zurnal-6.jpg.aspx? title=)